• Се менува Законот за данок на моторни возила

    Се зборува по медиумите дека после Нова Година тој што сака да увезе постар и понееколошки автомобил ќе плаќа поголем данок. Кој ќе увезе постар автомобил со пониски еколошки стандарди ќе плаќа поголем данок. Законот за данок на моторни возила треба да го помине собранискиот филтер до крајот на годината. Покрај тоа која година е произведен автомобилот како и неговата вредност, многу важен параметар за данокот ќе биде и колкава емисија на јаглерод диоксид испушта во околината, односно колку е загадувач.

    Основица за пресметување на данокот на моторни возила при увоз и привремен увоз на моторни возила e износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразена во грамoви по километар во зависност од видот на погонското гориво и царинската вредност на моторното возило утврдена во согласност со царинските прописи зголемена за износот на царината. Тоа ќе важи за сите патнички автомобили и останати моторни возила конструирани првенствено за превоз на лица, вклучувајќи моторни возила за комбиниран превоз на лица и стоки од типот караван, комби и слично, спортски автомобили, патнички возила кои се движат на хибриден електричен погон, освен за амбулантни возила, доставни “van“ возила и возила посебно прилагодени и наменети за превоз на починати лица.

    За моторциклите (вклучително и мопеди), скутери и слични возила со или без странична приколка и трицикли и четирицикли, царинската основица за пресметување на данокот на моторни возила при внес на моторни возила ќe биде зафатнината на моторот искажана во сантиметри кубни – см3 и нивото на емисија на издувните гасови (еуро норма).

    За моторните возила ”pick-up” возила со двојна кабина, основица за пресметување на данокот на моторни возила при производство, увоз и привремен увоз ќе биде силината на моторот искажана во киловати – kW и нивото на емисија на издувните гасови (еуро норма).

    Значи според овие параметри ќе се пресметува колкави давачки треба да платите при увоз на моторно возило. Затоа ние сме тука, да ви дадеме точна пресмета на давачките.

  • Правила за увозно царинење на употребувани возила во Р.Северна Македонија

    Правила за увозно царинење на употребувани возила во Р.Северна Македонија
    Ве информираме дека Царинската управа на Република Северна Македонија утврдувањето на царинската вредност при увоз на употребувани патнички, комбинирани и лесно доставни товарни возила и мотоцикли (во понатамошниот текст: употребувани моторни возила), проценката на вредноста се врши со користење на електронскиот каталог SchwackeNet.

    Пребарувањето во електронскиот каталог се врши од страна на царински службеник во секоја од наведените царински испостави, одговорен за пребарување во електронскиот каталог. Пребарувањето се врши исклучиво врз основа на поднесена декларација за увозно царинење на употребувано моторно возило со внесување на бројот на шасија во системот. Доколку не се добие податок од базите на податоци со внесување на бројот на шасија во системот, тогаш проценката на вредноста ќе се врши со рачно пребарување во електронскиот каталог SchwackeNet.

    На овој начин, со воведување на овој електронски систем, пребарувањето ќе биде брзо, едноставно и транспарентно, а истовремено и воедначено на целата територија, со што се исклучени било какви ненамерни грешки или субјективен фактор при утврдувањето на вредноста на употребуваните моторни возила, пишува customs.gov.mk. Трошоците за пребарување во електронскиот каталог се на товар на Царинската управа на Република Македонија.

    Царинењето на употребуваните моторни возила се врши по месна надлежност во царинските испостави кои се определени за увозно царинење на моторни возила и тоа:

    во Царинарница Скопје (ЦИ Скопје 1, ЦИ Скопје 2, ЦИ Скопје 3, ЦИ Блаце и ЦИ Тетово), во Царинарница Куманово (ЦИ Куманово и ЦИ Деве Баир), во Царинарница Штип (ЦИ Штип, ЦИ Делчево и ЦИ Велес), во Царинарница Гевгелија (ЦИ Гевгелија, ЦИ Кавадарци, ЦИ Струмица и ЦИ Ново Село) и во Царинарница Битола (ЦИ Битола, ЦИ Меџитлија, ЦИ Прилеп, ЦИ Охрид и ЦИ Струга), пишува customs.gov.mk.

  • Колку би биле царински давачки за возило VW Golf 2.0 TDI DPF 4Motion Comfortline од 2011 година

    Колку би биле царински давачки за возило

    VW Golf 2.0 TDI DPF 4Motion Comfortline од 2011 година во Р.Северна Македонија
    При проценка и утврдувањето на царинската вредност за употребувано моторно возило VW Golf 2.0 TDI DPF 4Motion Comfortline од 2011 година во Р.Северна Македонија, би се користеле електронски бази на податоци и царинските давачки би изнесувале:

    – Со користење на доказ за потекло (ЕУР1 или изјава за потекло во фактура) би биле: 86063 денари.
    – Без користење на доказ за потекло (ЕУР1 или изјава за потекло во фактура) би биле: 110425 денари.

    Доколку сакате да ги дознаете вкупните трошоци до регистрирање на возилото, на цариниските давачки треба да ги додадете надворешните трошоци или трошоци до поднесување на царинска декларација за увозно царинење на возилото и внатрешните трошоци до регистрација на возилото.

  • Колку би биле царински давачки за возило AUDI A5 2.0 TDI Sportback DPF од 2013 година

    Колку би биле царински давачки за возило

    AUDI A5 2.0 TDI Sportback DPF од 2013 година во Р.Северна Македонија
    При проценка и утврдувањето на царинската вредност за употребувано моторно возило AUDI A5 2.0 TDI Sportback DPF од 2013 година во Р.Северна Македонија, би се користеле електронски бази на податоци и царинските давачки би изнесувале:

    – Со користење на доказ за потекло (ЕУР1 или изјава за потекло во фактура) би биле: 174245 денари.
    – Без користење на доказ за потекло (ЕУР1 или изјава за потекло во фактура) би биле: 220317 денари.

    Доколку сакате да ги дознаете вкупните трошоци до регистрирање на возилото, на цариниските давачки треба да ги додадете надворешните трошоци или трошоци до поднесување на царинска декларација за увозно царинење на возилото и внатрешните трошоци до регистрација на возилото.

  • Увоз на возила од САД

    Увоз на возила од САД

    Увоз на возила од САД во нашето законодавство е регулирано во Законот за возила од 2008 година. Во членот 24 став 1 точка 4, став 2 и став 4, каде е пропишано дека кај правно лице кое врши технички преглед, овластено за изведување на постапката за идентификација (хомологација) и оцена на техничката состојба на возилата. Во нашето законодавство е пропишано дека при увоз, половните патнички возила треба да имаат најмалку EURO стандард 4. EURO (European emission standards) – значи европските стандарди за емисија ги дефинираат прифатливите граници за емисија на издувни гасови на нови возила што се продаваат во земјите членки на Европската унија. Стандардите за емисија се дефинирани во серија директиви на Европската унија, во кои се предвидува прогресивно воведување на сè построги стандарди. Така од EURO 1 стандард денес e дојден на ниво EURO 6 стандарди емисија на издувни гасови.
    Според членот 24 став 1 точка 4, став 2 и став 4, е пропишано да започнат постапка лица државјани на Република Македонија кои се враќаат од постојана или привремена работа или престој во странство, доколку биле во странство најмалку една година без прекин.
    Постапката се врши само врз основа на приложена документација, без преглед на возилото и без барање за сообразување (хомологација) со европските прописи од областа на возилата. Постапката важи за возила од категоријата М1 (патнички моторни возила) и категорија L (моторцикли).
    Кон барањето треба да се приложи следната документација:
    • Фотокопија од претходната сообраќајна дозвола доколку е употребувано возилото или фактура за ново возило.
    • Техничките барања за половните возила од категорија М1, произведени во САД, треба да бидат поткрепени со доказ за исполнување на стандард на емисија на издувни гасови според Агенцијата за заштита на животна стредина (ЕРА), издаден од соодветна надлежна иституција од САД. Стандардите треба да бидат согласно американскиот стандард TIER 2 од 1999 година, кој содејствува на европскиот EURO 3 стандард.
    • Доказ за платени царински давачки.
    • Потребно е да извадите потврда од МВР дека сте ја напуштиле државата на подолг рок и друго.
    Потребно е да се запази рокот од една година од постојаното враќање, односно од добивање на дозвола за постојано или привремено престојување од МВР, ако возилото претходно било во сопственост на барателот најмалку шест месеца пред влегувањето во Република Македонија.
    После постапката ќе добиете потврда дека вашето возило иако ги нема европските EURO стандарди, ќе може да се регистрира во Република Северна Македонија.

    Користена легислатива и податоци од Сл.весник број на РМ 16/2010, 13/2011 и 185/2011.

  • Давачки при увоз на возила од Германија

    Доколку сакате самостојно да увезете возило од Германнија, ќе Ви бидат потребни следните информации. Прво е потребно да го најдете вашето возило на интернет страните на авто плацевите низ Германија и се решите да го купите. Сигурно ќе сакате да отпатувате до Германија со авион со компанијата WIZZ AIR, бидејќи е најевтина а за тоа ќе треба да платите од 20 ЕВРА до 50 ЕВРА карта во еден правец. Потоа ќе се сместите во хотел кој ќе Ве чини од 20 ЕВРА до 50 ЕВРА. Кога ќе пристигнете на авто плацот и ја видите колата која сте ја одбрале на интернет, нема да бидете многу среќни во поголемиот случај, зошто сликите на интернет не се исти со реалноста. Тогаш ќе почнете да барате друга кола и така ќе се зголемат трошоците. Кога конечно ќе го најдете вашиот употребуван автомобил, потребни ќе Ви бидат следните работи да ги извадите: царински табли ( COL) и осигурување со зелен картон. Царинските табли (COL) и осигурување со зелен картон ги има во повеќе варијанти и тоа за 9 дена, 15 или 30 дена. Во зависност од колкав период ќе одберете, така и висина на износот што треба да го платите ќе биде од 150 евра до 220 евра. Висина на износот исто така зависи во зависност од EURO стандардите на возилото (EURO 4, EURO 5, EURO 6) и од тоа дали самите можете да ја завршите процедурата или со помош на посредници. Работното време на бирото за регистрација и издавање на царински табли ( COL) е обично од 08 часот до 13 часот во понеделник.вторник и среда, додека пак во четврток е од 08 до 17 часот и во петок е од 08 до 12 часот. Во сабота работат само во неколку места низ цела Германија и тоа од 08 до 12 часот. Доколку возилото нема технички преглед, прегледот чини од 75 до 100 евра и се издава само на технички исправни возила. Кога ќе пребарувате на интернет каде има најблиска институција до вас за да ги извадите овие документи, еве некои термини кои ќе ви помогнат да најдете во Германија бирото за регистрација, царината и техничкиот преглед,со тоа што го додавате името на градот: Бирото за регистрација/kfz zulassungsstelle, технички преглед/TüV и царина/zollamt.

    Кога ќе ја завршите оваа постапка потребно е да продолжите постапка за извозна декларација. Според тоа како ќе се договорите со продавачот или извозникот трошоците за извозна декларација може да бидат на товар на извозникот или вие да го платите околу 75 евра, доколку тоа Ви го прави овластена шпедиција. Во најчест случај се прави извозна декларација кога ќе барате да ви издадат доказ за потекло или EUR1 образец ( доказ дека возилото е со потекло од ЕУ), кој ќе ве чини уште 30 ЕВРА и дополнителен ден за чекање, додека го издаде Германската царина. Во поголем дел Германската царина не издава во последно време докази за потекло за возила, од причини што голем дел од деловите од кој се составени европските возила не се произведени во ЕУ, туку во други држави надвор од ЕУ. Пример, фирмата Дрекслермаер од Кавадарци која произведува делови за Мерцедес и за други европски марки на возила.

    Следна ставка е горивото како трошок. Цената на горивото во Германија и другите попатни земји се движи од 1.2 евра до 1.8 евра и е променлива секојдневно. Разликата е дали полните гориво во населено место или на автопат ( во населено место е поевтино). За растојание од 1700 до 2000 км од Геманија до РС Македонија би платиле за гориво околу 200 ЕВРА.

    Ставка на трошок се патарините и вињетите. Кога се враќате од Германија има две правци до РС Македонија и тоа преку Словенија – Хрватска – Србија или преку Австрија – Унгарија – Србија. Австрија за патничките возила и товарните до 3.5 тона/вкупна тежина, наплатуваат вињета за патарина за 10 дена приближно 9 евра, додека пак во Унгарија за патничките моторни возила за 7 дена наплатува винета во висина од 14 евра. Србија во транзит од границата од Суботица до Табановце преку три наплатни патарини наплатува околу 20 евра. Австрија исто така за патничките моторни возила наплатува за два тунели околу 20 евра, доколку ја користете трасата преку алпите до Словенија, правец Љубљана – Загреб. Словенија наплатува винета 15 евра. Хрватска транзитно патарини преку наплатни станици околу 20 евра. Кога ќе дојдете на македонската граница потребно е возилото да го декларирате дека го увезувате т.е треба да влезете на царинскиот граничен терминал и да одберете шпедиција која ќе ви направи пропратен транзитен документ до царинската испостава каде сакате да го оцарините вашето возило.Тоа ќе Ве чини од 20 до 30 евра. Во внатрешниот царински терминал што сте го одбрале ќе имате исто толакав трошок од 20 до 30 евра и шпедитерски услуги од 30 до 50 евра за поднесување на документи за царинење пред царински орган. Според процената на возилот што ќе ја изврши царинскиот орган ќе платите царински давачки. За износот на царинските давачки ние можеме да Ви помогнеме и да ви дадеме најточна пресметка на царински давачки на сајтот www.davackizavozila.mk.

    Друга опција за превоз на вашето возило е превоз со камион. Потребно е да изнајмите превозна компанија која врши превоз на возила која ќе го земе возилото од наведеното место и ќе ви го достави до царински терминал во РЦ Македонија за услуга од 500 до 600 евра.

    Потоа следуваат трошоци за хомологација и регистрирање на возилото. Хомологација претставува постапка со којашто се прави проверка на возилото и неговите битни елементи (мотор, сопирачки, безбедносни појаси и слично), кои на директен или индиректен начин влијаат на околината и безбедноста на патниците. Согласно законските прописи што важат во земјава, на возилата што ќе бидат увезени во Македонија, пред да бидат пуштени во сообраќај, им се прави проверка на нивната состојба, односно дали ги задоволуваат пропишаните технички и еколошки стандарди. Секое возило, ново или половно, задолжително мора да помине некоја од овие проверки: единечно одобрување на возило, идентификација на возило и идентификација и оценка на техничка состојба на возило. Трошоци за хомолација изнесуваат 5000 денари или доколку возилото поседува Certificate of Conformity (COC) сертификат изнесува 3000 денари. Превод на странските документи и заверка на нотар за две страни е 1000 денари. Технички преглед на возилот изнесува 5500 денари. Сообраќајна дозвола, таблички за возила и таксени марки за нив 1700 денари. Осигурување без зелен картон за возила од 80 КW изнесува 8500 денари.

    Секако да не ја заборавите најважната ставка на трошоци – целосен преглед на возилото и редовен сервис со нови четири гуми, за да се чуствувате безбедно. Таа ставка би била околу 500 евра.

    Почитувани можеби со наведените информации ви помогнавме да ги предвидите давачките за вашето идно употребувано возило.

    Давачки при увоз на возила од Германија
    1 Лет до Германија 20 евра
    2 Хотел во Германија 20 евра
    3 Царински таблички и осигурување 200 евра
    4 Технички преглед во Германија 80 евра
    5 Извозна декларација 75 евра
    6 Вадење на ЕУР1 50 евра
    7 Гориво 200 евра
    8 Вињети и патарини 55 евра
    9 Транзитен документ до царински терминал 20 евра
    10 Царински терминал 20 евра
    11 Хомологација 80 евра
    12 Превод на документи и нотар 20 евра
    13 Технички преглед во Македонија 90 евра
    14 Сообраќајна, таблички и таксени марки 30 евра
    15 Осигурување на возилото 140 евра
    16 Редовен сервис 100 евра
    17 Нови гуми 200 евра